Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.

„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.

Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.

„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.

Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.

Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.

Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.

Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.

Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

Scroll to Top