Во вториот квартал од годинава во Регистарот на цени и закупнини се евидентирани 2.148 договори за закуп, што е за 17 проценти помалку во однос на првиот квартал. И покрај падот на бројот на закупи, вкупната месечна закупнина достигнала 1,2 милиони евра, што претставува раст од 9 проценти на квартално ниво.
Најголем дел од закупите се однесуваат на деловни простори – 935 или 44 проценти од вкупниот број. Следуваат становите со 630 закупи (29 проценти), куќите со 235 (11 проценти) и земјоделското земјиште и шумите со 210 закупи (10 проценти). Индустриските и градежните земјишта учествуваат со по 2 проценти, а гаражите и останатите недвижности со по 1 процент.
Во однос на првиот квартал, кај становите е регистриран пад од 14 проценти на бројот на закупи, додека вкупната месечна закупнина е намалена за 9 проценти.
Кај куќите бројот на закупи е намален за 24 проценти, а вкупната месечна закупнина за 5 проценти.
За разлика од станбениот сектор, кај деловните простори бројот на закупи е намален за 8 проценти, но вкупната месечна закупнина е зголемена за 20 проценти во споредба со првиот квартал.
Најголем број закупи се регистрирани во општина Центар – 286, пред Аеродром со 197, Карпош со 173 и Битола со 129 закупи.
Просечната месечна закупнина за квадратен метар станбен простор изнесува 408 денари во Центар, 375 денари во Аеродром, 354 денари во Карпош, 326 денари во Кисела Вода и 266 денари во Штип.
Во вториот квартал биле издадени под закуп недвижности со вкупна површина од 2.422.990 квадратни метри, со вкупна месечна закупнина од 76,3 милиони денари. Најголема површина е закупена кај земјоделското земјиште и шумите, додека највисоки месечни закупнини се остварени кај деловните простори.
Според месечната динамика, најмногу закупи биле регистрирани во април – 776, во мај 669, а во јуни 703 договори за закуп.







