Форумот за иновации „Пеперутка“ 2025 заврши со визија за регионална иновациска соработка

Четвртиот форум за иновации „Пеперутка“ 2025, организиран од Советот за Регионална Соработка (RCC), одржан на 19-20 ноември во Нови Сад, успешно заврши. Настанот, кофинансиран од Европската Унија, ги собра креаторите на политики, иноваторите, основачите на стартапи и претприемачите од целиот Западен Балкан, обезбедувајќи живописна платформа за вмрежување, размена на знаење и соработка.

Во своето воведно обраќање, Амер Капетановиќ, Генерален секретар на RCC, ја истакна важноста на регионалните иновации и соработка. „Овие иницијативи покажуваат дека, иако предизвиците постојат, нашиот регион се движи решително напред. Ги поставуваме темелите за отпорен и конкурентен Западен Балкан. Со вашето залагање, идеи и придонеси, може да обезбедиме регионот да чекори во склад со иновациите и да стане дестинација за нив,“ рече Капетановиќ, нагласувајќи дека успехот ќе зависи од заедничките напори низ регионот.

Растислав Стојсављевиќ, зборувајќи во име на Министерството за наука, технолошки развој и иновации на Србија, им се заблагодари на RCC и ЕУ за нивната постојана поддршка. Тој истакна дека настани како Форумот и наградата „Пеперутка“ помагаат во адресирањето на потребите и можностите за иновации во регионот, и ја потврди посветеноста на Србија кон унапредување на иновациите и технолошкиот развој.

Исто така, Ричард Маша, Раководител на операции во Делегацијата на ЕУ во Србија, нагласи дека иновациите се клучни за економски раст, конкурентност и за иднината на младите во Западен Балкан. Маша ја потврди посветеноста на Европската Унија за поддршка на иновативните напори во регионот и го пофали RCC за оваа иницијатива, потенцирајќи го партнерството на ЕУ во туркањето на регионалните иновации напред.

За време на форумот, учесниците се вклучија во информативни панели и разговори на напредни теми. Првата сесија се осврна на тековниот развој на вештачката интелигенција во регионот, разделувајќи ја хиперболата од реалноста и дискутирајќи како нејзиниот раст може да се искористи за развој. Втриот панел ја стави во фокус гејминг индустријата, покажувајќи го нејзиниот подем како силен двигател на иновации и раст на дигиталната економија во Западен Балкан. Панелистите ја разгледаа и експанзијата на центрите за дигитални иновации како клучни поттикнувачи на технолошка соработка и претприемништво во регионот. Во deep-tech дискусија, експертите дебатираа дали новонастанатиот deep-tech сектор во Западен Балкан е подготвен да стане нов мотор за раст или сè уште претставува неискористена можност. Овие разговори ги истакнаа успешните регионални технолошки иницијативи и понудија практични увиди, во согласност со фокусот на форумот – еволуцијата на стартап екосистемот во регионот.

Форумот за Иновации „Пеперутка“ 2025 заврши во оптимистички, визионерски дух. Организаторите и учесниците се согласија дека споделеното знаење и воспоставените врски ќе поттикнат уште поголема регионална соработка и иновации. Континуираната регионална соработка, нагласена низ целиот форум, беше истакната како клучна за претворање на креативните идеи во одржливи бизниси и за одржување на конкурентноста на Западен Балкан во глобалниот иновациски пејзаж. Успехот на настанот повторно ја истакна вредноста на ваквите форуми во обединувањето на различни засегнати страни и водењето на дигиталната и зелената транзиција на регионот. Како што регионот продолжува напред, моментумот создаден од Форумот „Пеперутка“ 2025 ќе ги зајакне тековните иницијативи и ќе инспирира нови партнерства, обезбедувајќи континуитет на регионалниот иновациски прогрес.

Форумот ја вклучи и церемонијата за 4-тата награда за иновации „Пеперутка“, одржана претходната вечер, каде беа претставени исклучителните регионални иноватори што придонесуваат за одржлив и дигитален раст.

Scroll to Top