Триглав Осигурување Живот официјален партнер на македонскиот ракомет

Триглав Осигурување Живот АД Скопје и Ракометната федерација на Македонија (РФМ) официјално започнуваат партнерска соработка, со која осигурителната компанија станува официјален партнер на македонскиот ракомет.

Договорот за партнерство беше потпишан денеска во просториите на Ракометната федерација на Македонија, а истиот го потпишаа генералната директорка на Триглав Осигурување Живот, Христина Џамбазовска Анастасов, и претседателот на РФМ, Александар Стефанов.

Со оваа соработка, двете страни испраќаат силна порака за заедничка визија и амбиција – поддршка на македонскиот ракомет, вложување во стабилноста, сигурноста и долгорочниот развој на спортот и спортистите.

Од Ракометната федерација на Македонија истакнуваат дека преку ова партнерство добиваат сигурна и доверлива поддршка од компанија која ја препознава важноста на инвестициите во спортот, младите генерации и националните вредности.

„Оваа соработка претставува значаен чекор во насока на унапредување на македонскиот ракомет. Уверени сме дека партнерството со Триглав Осигурување Живот ќе донесе позитивни резултати и успешни заеднички приказни во периодот што следува“, соопштија од РФМ.

Генералната директорка на Триглав Осигурување Живот, Христина Џамбазовска Анастасов, изрази особено задоволство што компанијата станува дел од, како што рече, „најдоброто од македонскиот спорт“, токму во пресрет на почетокот на Европското ракометно првенство.

„Со претседателот Александар Стефанов делиме иста визија и амбиции. Со особена гордост започнуваме соработка со најуспешната спортска федерација во државата и со репрезентацијата која со години е симбол на македонскиот спорт и национална гордост. За Триглав Осигурување Живот, ова партнерство е повеќе од спонзорство – тоа е заедничка приказна со ‘најдоброто од Македонија’“, истакна Џамбазовска Анастасов.

Таа додаде дека како компанија која се грижи за сигурноста и иднината на граѓаните, Триглав Осигурување Живот верува во клучната улога на спортот во градењето здрави навики, континуитет и одржлив успех, нагласувајќи дека поддршката кон македонскиот ракомет е долгорочна и стратешка.

На крајот, Џамбазовска Анастасов им посака многу успех на македонските ракометари и на селекторот Кирил Лазаров на претстојното Европско првенство, изразувајќи уверување дека репрезентацијата повторно ќе биде повод за гордост кај македонската јавност, како во земјата, така и меѓу дијаспората.

Scroll to Top