По повод 10 години од отворањето на Гентерм во ТИРЗ Прилеп, директорот Гоце Димовски денес присуствуваше на одбележувањето на јубилејот на компанијата, со кој се заокружува една деценија успешна работа, континуиран развој и партнерство во рамките на технолошките индустриски развојни зони.
Во своето обраќање, Димовски упати честитки до менаџментот и вработените на Гентерм Македонија за јубилејот, истакнувајќи дека десетгодишното присуство на компанијата во ТИРЗ Прилеп е пример за значењето на партнерскиот однос помеѓу институциите и странските инвеститори.
Тој нагласи дека ваквите инвестиции имаат многу пошироко економско значење, не само преку отворањето работни места и зголемувањето на извозот, туку и преку создавањето можности за развој на домашната економија, унапредување на производствените капацитети и стекнување нови знаења и вештини.
„Одлуката на една мултинационална компанија да инвестира во Македонија е важен чекор. Но, уште поважно е таа компанија да продолжи да работи, да се развива, да инвестира во луѓето и да ја гледа земјата како дел од својата долгорочна стратегија. Тоа е вредноста на континуитетот. И токму тоа го одбележуваме денес. За нашата земја, присуството на компании како Гентерм има значење што ги надминува рамките на една инвестиција“, кажа Димовски.







