Мицкоски: Буџетот е ликвиден, трезорот нема да се затвори на 15 декември

Премиерот Мицкоски изјави дека Буџетот е ликвиден и сите обврски се извршуваат тековно. Како што појасни Мицкоски, 15 декември не е датум за затворање на трезорската сметка, туку рок до кој институциите е потребно да ги достават сите тековни расходи за навремена исплата.

Според премиерот, и по истекот на овој рок ќе има толеранција и институциите нема да бидат одбиени доколку поднесат налози подоцна. Целта на поставувањето на датумот, вели тој, е подобро планирање и навремено извршување на обврските.

„Јас не реков дека ќе се затвори трезорот, туку го поставивме 15 декември како датум кога сите иснтитуции е добро да ги достават сите оние тековни потреби, расходи и сите средства кои треба да се пренесат до доверителите. Се разбира на тоа додадов дека имаме толеранција. Се разбира дека нема ако некој дојде на 20 декември да речеме клучот е на врата и завршена е работата. Се разбира дека толеранција ќе има, но идејата е да работиме со план, да имаме свесност дека е потребно сето тоа да реализираме со време, да имаме некаква навика и да го почитуваме сето она што ќе го поставиме како план и задачи. Затоа јас ги молам сите институции да дојдат навреме. Не велам дека на 25-ти ако дојде некој со налог нема тоа да се прифати и ќе се одбие, но, навремено да ги испланираме активностите, за да не се случи во 5 до 12 сите да нагрнеме таму и некои од обврските да останат неплатени односно да ги книжиме во следната година. Само тоа е целта, чисто мораме да се навикнеме на некаков ред“, кажа Мицкоски.

Scroll to Top