Мицкоски: По две децении најава, наскоро започнува изградбата на автопатот Скопје – Блаце

Оваа Влада ќе биде запаметена по проекти, по две децении најава, наскоро започнува изградбата на автопатот Скопје – Блаце, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на потпишувањето на Договорот за инвестициски грант меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој за изградба на автопатот.

Грант средствата во вредност од 30,8 милиони евра се обезбедени преку Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ.

„Ми претставува голема чест и задоволство што денеска можеме да отпочнеме еден проект којшто со децении, би рекол, беше најавуван. А за мене како претседател на Владата претставува големо задоволство што наскоро на целата територија на државата ќе се развиваат 6 автопатски делници. Покрај оваа, којашто треба да го поврзе главниот град со границата со Косово, односно Блаце, тука се и делницата којашто треба да ги поврзе Тетово и Гостивар, Гостивар со местото Букојчани, го завршуваме делот од автопатот Кичево-Охрид, потоа Прилеп-Битола, и наскоро очекувам да биде завршена и процедурата којашто треба да го поврзе Букојчани со Кичево. Заедно со оваа автопатска делница, очекувам овие 6 автопатски делници во еден момент да се реализираат. Тоа ќе биде голема додадена вредност за македонската економија. Нешто коешто за мене претставува исклучително важно и еден од врвните приоритети на оваа Влада, економскиот развој да продолжи онака како што го поставивме пред две години кога бевме избрани како влада“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека овој автопат со години бил симбол на неисполнети ветувања.

„Речиси секоја влада го најавуваше, секоја пред избори ветуваше дека токму таа ќе го изгради, а одредени политички партии со години се удираа во гради и зборуваа дека токму тие најмногу се грижат за овој дел од државата. На крајот, од сето тоа останаа само празни зборови, по неколку купени парцели на трасата на оваа делница од овој автопат од одредени лица со сомнителна позадина и лица кои се поврзуваат со некои политички партии, сето останато остана само на ветувања, за жал. Денес разликата е јасна и видлива. Наместо нови ветувања, имаме обезбедени средства, потпишани договори, избран изведувач и започната реализација. И очекувам ако биде сè како што треба со Бога напред, овој или другиот месец, да почнеме веќе со теренските активности да ги завршуваме“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека очекува градежништвото како еден од главните драјвери на економскиот развој во годините кои што следат да продолжи со несмалена динамика.

„Во месец април имаме исклучително висок степен на реализација на проекти, голем бум на градежништвото. Последните податоци на Државниот завод за статистика велат дека е за речиси една третина подобро од минатата година за истиот месец. Тука зборувам и за ниско и за високоградба, нешто што досега е незабележано во новата историја на државата. Очекувам во таа насока да се движат работите и во периодот којшто следи“, рече Мицкоски.

 

Scroll to Top