Дај еден гриз !

Пишува: Братислав Димитров

 Зафатен со проширување на станот (одлепував неколку слоеви тапети) не сум забележал дека во меѓувреме сум го баталил проширувањето на моите  хоризонти. Дури вчера на пладне дознав дека  среќата е луксуз. Ако по-кажеш дека си среќен, тоа најчесто се толкува како немање на домашно востивување а во потешки случаи и како недостаток на општа култура. Затекнат по духовни гаќи заради мојата енциклопедиска неинформираност, се обидувам да направам мала животна ретроспектива.

Зошто јас наместо проширени хоризонти, добив проширени вени? Се сомневам на повеќе причини но едната е сигурна. Не требаше да се пензионирам. Не го послушав Ентони Хопкинс кој еднаш изјави: „Кога ќе се пензионираш, стануваш невидлив“. Видлива е само осаменоста која е како сенка и не може без тебе. Затоа се враќам во минатото. За да ја одбегнам неизвесната иднина и извесната сегашност. И да бидам помалку невидлив, ако може.

Денес е 3-ти Златец (Јули) 1961 година. Денот е на еден наш човек со име Преподобен Наум Охридски-Чудотворец. И маалото е наше и се вика „Тафталиџе”. Истрчуваме на улица еден куп копиљаци со кришки леб натопени со вода и посолени со шеќер, а тие што се на појачана исхрана со кришка намачкана со маст и гарнирана со црвен пипер. И додека стоиш и ја мерачиш својата кришка, секогаш ќе се најде некој што е гладен а во моментот не располага со никаков прехрамбен артикал. Во вакви случаи срамежливите стојат пред тебе и како што ти реално си ја џвакаш кришката леб, така тие памтомимски и несвесно ја отвараат и затвараат нивната уста кобожемски јадат.

Останатите гладни копиљаци кои не се срамежливи, само што ќе те видат со некакво парче леб, веднаш ја користат вообичаената и класична маалска реплика „дај еден гриз!” Ти со тешко срце се разделуваш од кришката одгледувајќи до последен миг оптимистички надежи.

Но џукелата брзо те демантира соборувајќи го својот личен и маалски рекорд „во гриз”, додека ти го враќа остатокот од твојата (сега веќе  бивша) кришка леб.

Деновите беа топли и безбедни, како мајчино млеко. Ноќите беа возбудливи  бидејќи го користевме најголемиот технолошки дострел во тоа време а тоа беа клупите во паркот! Тепачките беа фер а најтешкото оружје беше клоца во газ, по што тепачката завршуваше со смеење. Небото служеше за да можат птиците слободно да летаат а во зимите и за врнежи на кристално чист снег. Во старите добри времиња имаше и баби и дедовци кои многу години подоцна станаа „технолошки вишок”. Имаше „кино утро” за да можеме каде да одиме кога ќе побегнеме од писмената по математика. Имаше во тоа време уште многу други нешта но јас не можам да се сетам на нив иако од некои архивски материјали и речници гледам дека се викале убавина, добрина, вистина, сочувство, солидарност, кротка нарав, питома душа и топли нежни допири во долгите и скомињави зими…

Животот е убав и вкусен. Му се доближувам најблиску што можам, го фаќам за реверите и му викам: „Дај еден гриз!“

Scroll to Top