Другар – љубав или смрт

Или „Од маалска заклетва до животна привилегија”

Порано другарството не беше збор. Беше институција. Се учеше на улица, у прашина, со џамлии и шлајки, меѓу крвави колена и поделени сендвичи. Немаше камери, мобилни и месиџи. Имаше само збор што не се крши.

Тогаш другар беше оној што ќе ти го чува точакот док идеш по леб. Оној што ќе те бара ако не доеш на договореното место. Оној што ќе застане пред тебе ако некој посилен реши да ти залепи заушка.

Покасно дојде следната фаза у животот, каде другарот ти стана најбољи психолог. Не зашто знаеше што да ти каже, него зашто знаеше кога да седне до тебе, да те потапша по рамо и да ти каже: „Ај, ќе помине, бе брат.“

Па, од скоро, дојде последната фаза у животот, каде осаменоста почна да стануе предворје на смртта – независно дали е физичка или психичка. Затоа никој више нејќе да остане сам. У таа агонија, некад чоек се фаќа ко слеп за стап, неретко и за погрешен стап.

Али, што е битно? Најбитно од све е, правилото што никад не беше нигде напишано, ама сите го поштуеја: ако имаш две пива — поладното дај му го на другарот.

Денес времињата се други. Иаме иљаду контакти и све мање вистински луѓе до нас. Другарството е побрзо, полесно, покршливо. Го снемуе на „seen“, се одлага со „ај ќе се чуеме“, се разредуе со обавези, брзање и умор.

Ама не исчезнало. Го намат снемано.

Ја, на пример, си имам неколку другари кои се ѕвезди и сонца у мојот живот. Луѓе со кои не морам да бидам паметен. Луѓе пред кои можам да бидам тивок, скршен, љут или уморен — и никој да не ми бара објаснуење.

И ако треба да објаснам што е другарство, не со дефиниции, него со живот, тоа тачно изглеа овака:

Другарство е:

  1. Коа седите у иста соба и ќутите со саати — и тишината ви е поубаа од секој муабет.
  2. Кога се смеете на стари, и често глупи, фори што сте си ги кажале по иљаду пути, а ви се смешни ко да се нови.
  3. Кога на успехот на другар ти се радуеш исто ко на свој — без трошка завист, без споредби.
  4. Кога се заебаате на свој рачун без резерва и кочница, зашто знаете дека љубовта ви е поголема од суетата.
  5. Кога другар ти знае поише твои тајни од жена ти — и ниту една не би ја шитнал за ниедна цена.
  6. Кога му веруеш поише отколку на ЧетЏиПиТи, пошто он знае кој си и кога лажеш дека си супер.
  7. Кога си у негова близина серотонинот ти е пуштен на најјако и се осеќаш ептен „хај”.

Дали ги имаш еден или седум — свеедно е. Овие другари ти го продужујат животот и му даваат нова смисла. Ти даваат причина да станеш од кревет. Да излезеш од дома. Да живееш за мигот кога повторно ќе бидеш со нив.

Со две пива. И поладното секогаш за другарот.

Пишуе на скопски: Зоран Спасов Sоф

Scroll to Top