„Блузот и кафеаната „Идадија“ нѝ укажуваат на фактот дека светот е голем, убав и суров маалски универзитет. Таму се држеа лекции што не ги учевме во школо“. – Горан Стефановски
Меѓу скопјани често пати настанува недоразбирање и збрка околу разликувањето на овие два поима: Идадија и Ислахане. Самиот збор Идадија на турски значи гимназија. Во турско време постоела нижа гимназија (Руждија) и полна гимназија (Идадија). Но, тука, во тој ист комплекс на Идадија постоело уште едно школо-Ислахане, односно училиште за занаети. Зградата на ова училиште, многу помала, се наоѓала во непосредна близина на гимназијата (Идадија), подоцна позната како Учителска школа. Но, самото име Ислахане за скопјаните долго време било синоним и за Паркот. И двете згради имале убави дворови засадени со прекрасни цвеќиња.
Идадија, со своите убавини и Паркот, ресторанот „Ислахане“, (подоцна „Кермез“) отсекогаш привлекувала голем број посетители и шетачи. Последниот турски султан Мехмет v Решад, при посетата на Скопје во 1911 година отседнал во Идадија. Заедно со Паркот и Учителската школа, тие се дел од детството и младоста на многу скопјани. Тој дел на Скопје секогаш бил мотив за бекство „во дивината“, за земање здив, за медитација. Во детството бегавме во тој дел на градот, во кој се наоѓаше цел еден фантастичен свет од приказните: малото вовче, летното кино, таинствените големи шуми на градскиот парк, Зоолошката градина, плажите на Вардар.
Пишува : Данило Коцевски