Обвинителката Анита Топалова – Исајловска беше избрана за вршител на должност јавен обвинител на Република Северна Македонија на денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Таа беше единствениот предложен кандидат, на местото на Љупчо Коцевски, кој минатата недела поднесе оставка, непосредно пред да биде разрешен во Собранието на Северна Македонија. Тој ја извршуваше функцијата државен обвинител неполни две години откако беше избран од пратениците во минатиот парламентарен состав на 13 февруари 2024 година.
Тополова-Исајловска доаѓа на негово место од позицијата заменик јавен обвинител, каде што помина подолг временски период.
Назначувањето на вршител на должност јавен обвинител се врши согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство. Функцијата се извршува до именување на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.







