Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, преку социјалните мрежи ја појасни суштината на предложените измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување која во Собранието ја поднесе пратеничката група на Левица, а денес е на дневен ред на собраниска седница.
Апасиев посочува дека во важечкиот закон постои како што вели „нешто идиотско, што се вика максимална основица за плаќање придонеси“, а таа е ограничена на 16 просечни плати, или околу 16.500 евра. „Е сега, сѐ што се плаќа како плата над оваа сума – останува неоданочено!? Значи, законот ги привилегира супербогатите!!!“, истакнува тој.
За да објасни попластично, Апасиев го илустрира проблемот со конкретен пример посочувајќи дека највисоката месечна плата исплатена минатата година во Македонија била околу 325.000 евра. „На овој што зима волкава ненормална плата, нашата луда држава му ја опростува сумата над ’максималните’ 16.500 евра. Му даночи само 16.500, ама не му даночи 308.000 евра“, пишува Апасиев и додава дека работниците со ниски примања немаат такви олеснувања, туку како што вели, „100% го даночи работникот кој зема минималец“.
Ваквата пракса според Апасиев придонесува за продлабочување на економските разлики во општеството. „Ете затоа, секој ден во Македонија богатите стануваат сѐ побогати, а сиромашните сѐ посиромашни.“
Лидерот на Левица најави дека исходот од предложените измени ќе биде познат по гласањето во Собранието каде ќе се одлучи „дали на оваа нефер практика ќе и се стави крај“.







