Општина Илинден во соработка со Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ) започна со реализација на активностите за поставување бесплатна јавна WiFi мрежа на новиот парк-плоштад во Марино.
„Проектот е дел од иницијативите за унапредување на дигиталната поврзаност во регионот на Западен Балкан и претставува значаен чекор кон модернизација на јавните простори и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Со имплементацијата на оваа услуга, посетителите на парк-плоштадот ќе имаат можност за бесплатно и неограничено користење на интернет, овозможувајќи полесна комуникација, пристап до информации и дигитални услуги додека уживаат во погодностите на овој урбан простор“, велат од Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека дигитализацијата на локално ниво претставува стратешки приоритет на општината, при што нагласи дека континуираното вложување во паметни и иновативни решенија е насочено кон создавање модерна, функционална и урбана средина, која одговара на потребите на граѓаните и на современите општествени текови.







