Во среда, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи Велигденски концерт на кој ќе биде изведено монументалното вокално-инструментално дело „Ѕвона“ од Сергеј Рахмањинов. Диригент е маестро Најден Тодоров (Бугарија), а како солисти ќе настапат Катерина Стојановска, сопран, Исмет Вејсели, тенор, Иван Наумовски, баритон/бас и хорот „ПроАрс“. На програмата е и симфониската поема „Прелудии“ од Франц Лист.
Во летото 1907 година, за време на престој во Рим, Сергеј Рахмањинов добил анонимно писмо со поемата „Ѕвона“ од Едгар Алан По, во слободна адаптација на рускиот симболист Константин Балмонт. Поттикнат од оваа необична инспирација, Рахмањинов ја создава монументалната хорска симфонија „Ѕвона“, дело што самиот го сметал за едно од најличните во својот опус. Симфонијата ја следи драматургијата на четирите строфи од поемата и претставува симболично музичко патување низ човечкиот живот – од младешката радост, преку љубовта и зрелоста, до сенката на староста и смртта. Во руската духовна традиција ѕвоната имаат речиси живо присуство: нивниот звук го придружува човекот од раѓање до последниот миг. Со „Ѕвона“, Рахмањинов создава длабоко поетска и симболична музичка визија, во која звукот на ѕвоната станува метафора за човечкиот живот – од неговата блескава почетна радост до тивкото помирување со вечноста.







