Попладнево околу 16 часот во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје изби пожар кој предизвика паника кај учесниците и посетителите на меѓународниот ракометен турнир. Благодарение на брзата реакција на полициските службеници и противпожарните екипи, спречено е ширење на огнените јазици кон паркираните возила, околните објекти и лизгалиштето кое е во рамки на спортскиот комплекс.
Според информациите, полицијата извршила навремена евакуација на сите спортисти, спортски работници и публика, со што е избегната поголема несреќа.
Како последица на вдишаниот чад, девет полициски службеници завршија на Одделот за токсикологија каде им е укажана лекарска помош и се на кислородна поддршка. Од болницата информираат дека сите се во стабилна состојба.
Надлежните служби остануваат на терен за да ги утврдат причините за пожарот.