(Видео) „ДПМНЕ ги одби амандманите на Левица за заштита на жртвите на сексуално и семејно насилство“

На денешната седница за разгледување на амандманите на Предлог-ребалансот на Буџетот, парламентарното мнозинство ги одби двата амандмани на пратеничката група на Левица со кои се бараше обезбедување дополнителни средства за воспоставување кризни центри за жртви на сексуално насилство, како и за изградба на шелтер-центри и советувалишта за жртви на семејно насилство.

Образложувајќи го амандманот со кој Левица предложи 30 милиони денари за воспоставување и функционирање на пет кризни центри за жртви на сексуално насилство, пратеничката Јована Мојсоска истакна:

„Во 2021 година Собранието донесе закон со кој Министерството за здравство доби обврска да воспостави кризни центри за долготрајна поддршка на жртви на сексуално насилство. Денес сме 2026 година и за жал пет години подоцна нема ниту еден ваков кризен центар.“

„Во периодот од 2020 до 2024 година во Македонија се евидентирани 455 жртви на сексуално насилство, деведесет проценти од нив се девојчиња. Со овој Амандман ние бараме државата конечно да започне со исполнување на обврските кон Советот на Европа и националните стратегии за заштита на жртвите од насилство.“

Во однос на вториот амандман, со кој Левица предложи 6 милиони евра за воспоставување на 24 шелтер-центри и осум советувалишта за жртви на семејно насилство, Мојсоска нагласи:

„Истата оваа анализа покажува дека за државата конечно да ги обезбеди сите овие услуги што самата се обврзала со ратификација на меѓународни договори, потребни се околу 6,5 милиони евра годишно од Буџетот и тоа претставува само 0,1 процент од овој Буџет. Со овој амандман бараме да се обезбедат 6 милиони евра за воспоставување на 24 шелтер-центри и осум советувалишта за жртвите на семејно насилство.“

Таа потенцираше дека:

„Моментално за сите шелтери заедно во државата државата издвојува само 60 илјади евра годишно. Значи, не за еден шелтер, туку за сите шелтери во државата за жртви на семејно насилство моментално се издвојуваат 60 илјади евра.“

Во своето образложение, Мојсоска додаде:

„Средствата се предвидува да се обезбедат преку намалување на дел од ставката во рамки на НАТО интеграцијата, затоа што апсолутно безбедноста не е само оружје, воена опрема и набавки. Безбедноста е и жена која има каде да се засолни кога ѝ е загрозен животот. Безбедност е жртва која нема да биде вратена кај насилникот, затоа што државата нема капацитети и затоа што ние не можеме да говориме дека Македонија е безбедна држава и лидер во рамките на НАТО интеграцијата, кога истовремено Македонија е и негативен рекордер на листата на фемициди.“

И покрај законските обврски на државата и алармантните податоци за недостигот од институционална заштита на жртвите на сексуално и семејно насилство, парламентарното мнозинство ги одби двата амандмани на Левица, додаваат од партијата.

Scroll to Top