Движењето ЗНАМ за Наша Македонија денеска на прес-конференција изнесе документи од Трговскиот регистар на Република Бугарија, обвинувајќи го претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за наводна поврзаност на неговите бизнис интереси во соседството со неговите политички ставови за уставните измени.
Според документите што ги презентираше ЗНАМ, Филипче е наведен како единствен сопственик на капиталот и управител на компанијата „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД, чие седиште се наоѓа во градот Петрич, на улицата „Гоце Делчев“ бр. 12. Од партијата посочуваат дека на истата адреса во Петрич е регистрирана и компанијата „ГОМАСИДРА“ ЕООД, која, како што велат, е во сопственост на Вице Заев.
Од ЗНАМ јавно го повикаа лидерот на СДСМ да излезе пред граѓаните и да одговори на неколку клучни прашања поврзани со оваа фирма.
„Го повикуваме Венко Филипче да одговори дали е точно дека е сопственик на оваа компанија во Петрич, со какви дејности се занимава таа и колкав капитал и имот поседува во соседната држава. Дали овие бизнис интереси, кои очигледно ги има заедно со семејството Заеви, се причината за неговото инсистирање по секоја цена да се направат уставни измени под бугарски диктат?“, прашуваат од Движењето ЗНАМ.
Од партијата додаваат дека јавноста има право да знае дали ставовите на претседателот на СДСМ во однос на Бугарија се условени, ублажени или компромитирани поради грижата за неговиот личен имот и капитал, нагласувајќи дека Македонија не смее да биде заложник на ничии лични и деловни интереси.
„Молкот не е одговор, молкот е признание. Очекуваме Филипче да собере храброст и да се соочи со вистината и со граѓаните за да објасни дали неговите политички ставови се резултат на лични убедувања или се исклучиво во интерес на неговите бизнис релации“, порачуваат од ЗНАМ.







