(Видео) Кузмановска: ВМРО удри и по студентите – се намалуваат стипендиите, поскапува сместувањето во студентските домови

Криминалната ВМРО удри и по студентите. Наместо подобрување на студентскиот стандард, власта најде начин како да скрати и од студентите, додека вртат милионски криминални тендери, изјави Стефанија Кузмановска од СДММ.

Таа вели дека новите измени на Законот се директен удар врз студентскиот стандард.

„Се намалуваат стипендиите за социјални категории, поскапува сместувањето во студентските домови. За прв пат се воведува категоризација на студентските домови во два типа – Тип 1: Енергетски ефикасни и реконструирани објекти и Тип 2: Постојни, односно нереновирани студентски домови. Во превод – богатите ќе можат да престојуваат во реновирани домови со подобри услови, а сите останати во старите и нереновирани домови“, рече Кузмановска.

„Власта крати и од поддршката на студентите за сместување и исхрана. За домовите од Тип 1, наместо досегашните 50%, државата ќе покрива само до 40% од трошоците. За домовите од Тип 2, партиципацијата останува до 50%. Наместо еднакви услови за сите, ВМРО создава двокласен систем во високото образование – студенти од привилегирани семејства и студенти кои ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат“, рече Кузмановска.

Таа додаде дека со измените власта ја укинува и мерката донесена во ковид кризата од СДСМ – нема повеќе поддршка до 6.000 денари за приватно сместување или меѓуградски превоз за студентите.

„Дополнително, власта ја крати можноста за повеќе стипендии за социјално ранливите категории на студенти – оние на кои им е најпотребна. Од вкупниот број на стипендии наместо како досега 49%, сега 40% ќе бидат за студентите од социјално ранливи категории. За ваква ли грижа за младите зборува Мицкоски? Со кое лице им вели на младите „не се иселувајте“, кога истиот тој ја крати поддршката,создава систем во кој образованието станува привилегија, а не право“, рече Кузмановска.

Поради овие причини, таа додаде дека Социјалдемократската младина на Македонија бара итно повлекување на ваквото неправедно законско решение.

Scroll to Top