(Видео) Левица ќе поднесе нова интерпелација против Тошковски, најави Апасиев

Левица ќе поднесе втора интерпелација против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за саботирање истраги, селективна правда, непрофесионално работење на полицијата и судир на интереси, најави денеска лидерот на партијата Димитар Апасиев.

Тој кажа дека состојбата во МВР дополнително се влошила, а институцијата наместо професионален сервис, станала „приватна партиска полиција“.

„Сметаме дека оваа година проблемите во МВР не само што не се решија, туку и се наталожија. Како држава која е над европскиот просек по бројот на полицајци по глава на жител, сметаме дека перформансите кои ги покажува и министерот и полицијата се неприфатливи за едно демократско општество“, рече Апасиев.

Тој посочи дека интерпелацијата е поделена во 17 точки, групирани во шест области, а меѓу главните обвинувања се саботирање на истраги и несоработка со Обвинителството за организиран криминал и корупција.

„Алудираме на несоработката во случајот со шпионажа кај највисокиот државен врв, непостапување за откривање криминал со надзорот во Бехтел и Енка, како и непостапување кај дивоградбите во Чаир“, изјави лидерот на Левица.

Апасиев ја обвини полицијата и за селективно постапување и политички мотивирани одлуки, посочувајќи го случајот со Артан Груби, како и прекинатата постапка за увозот на канцероген мазут.

„Третата глава се однесува на креирање приватна партиска полиција или познатата ‘ВМР-МВР’ од прислушуваните разговори“, рече тој, додавајќи дека во интерпелацијата се опфатени и полициските пропусти поврзани со трагедијата во Кочани.

Во делот за непостапување при насилство и говор на омраза, Апасиев ги спомена случаите со семејно насилство, фемицид и врсничко насилство во училиштата.

„Имаме еклатантни прекршувања од страна на полицијата во повеќе случаи, вклучително и непроцесуирање на повици за силување и сексистички коментари“, изјави тој.

Лидерот на Левица обвини и за двојни стандарди во полициското постапување.

„Алудираме на приведувањето поради истакнување палестинско знаме на спортски натпревар, а неприведување при палење македонско знаме и свиркање на македонската химна“, рече Апасиев.

Во последниот дел од интерпелацијата, како што посочи, се отвора прашањето за судир на интереси и сомнителни тендери поврзани со министерот Тошковски.

„Министерот ќе треба да одговори за адвокатско-тужбените шеми кои ги имал пред да стане министер, како и за сомнителните тендери и фантом фирми“, изјави Апасиев.

Тој најави дека интерпелацијата ќе биде поднесена веднаш по прес-конференцијата и дека сите точки детално ќе бидат образложени пред пратениците.

Scroll to Top