Симеон Михаилов, таткото на Ива Михаилова, по кого Македонија има распишано меѓународна потерница, се огласи со видеообраќање на Фејсбук, во кое зборуваше за 12-годишната затворска казна на која е осуден и изнесе тврдења дека во минатото му биле одземени казина и продадени на лица блиски до тогашната власт.
Михаилов најпрво се заблагодари за поддршката што неговата ќерка ја добива во Бугарија, а потоа тврдеше дека вниманието било насочено кон него откако, според негови информации, „веќе нема што да биде направено“ во однос на делото за кое се гони Ива.
„Добив внатрешни информации дека веќе нема што да биде направено за делото за кое се гони Ива, па вниманието промислено беше насочено кон мене. Обвинителот Игорчо Крастов, кој ја обвинува ќерка ми за несреќата, наместо да се фокусира на нејзината медицинска состојба и доказите и сведоштвата кои покажуваат дека таа нема вина, одлучи да се фокусира на таткото“, рече Михаилов.
Зборувајќи за пресудата од 12 години затвор во Македонија, Михаилов тврдеше дека за време на владеењето на Никола Груевски имал успешен бизнис со неколку казина и дека целта била тие да му бидат одземени.
„Во врска со тоа дека имам ефективна пресуда од 12 години во Северна Македонија, сакам да кажам следното. За време на режимот на Никола Груевски, јас имав успешен бизнис со неколку казина. Со цел да ми го земат бизнисот, како и на десетици други како мене, бев обвинет за перење пари. Обвинителството не најде докази и по четири години зад решетки бев ослободен“, рече Михаилов.
Тој понатаму тврди дека потоа бил обвинет дека поставил бомба под автомобил заедно со група луѓе кои, како што вели, не ги познавал, по што бил осуден на 12 години затвор.
„И бев осуден на 12 години без докази. Казината ми беа одземени и продадени на лица блиски до власта. Зад ова стои Сашо Мијалков. Тоа што ми го правеа мене, сега се обидуваат на ќерка ми. Довербата во системот во Македонија е 2 отсто од таа причина. Благодарам на мојата Бугарија и сите што нè поддржувате“, рече Михаилов.
Симеон Михаилов е правосилно осуден на 12,5 години затвор за обид за убиство на телохранителот на Сашо Мијалков. Тој од Бугарија каде што е во бегство пред неколку дена ја нарече Македонија „сурова земја“ зашто неговата ќерка Ива Михаилова, обвинета за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици во Кочани, не не може да ја напушти државата за лекување додека трае судскиот процес.







