Состојбата со труењето на граѓаните во Гостивар е алармантна. Над 2.000 граѓани веќе побарале лекарска помош поради симптоми поврзани со загадена вода за пиење. Институциите задоцнија со реакцијата, истакна денеска на прес-конференција Наташа Поповиќ, членка на извршниот одбор на СДСМ.
Таа додаде дека епидемијата на гастроентеритис во Гостивар не избувнала преку ноќ.
„Таа се развиваше со денови пред очите на надлежните институции, кои наместо навремена реакција, дозволија ситуацијата да ескалира до размери на сериозна здравствена криза.
Според досегашните информации, институциите уште во раната фаза имале сознанија и сериозни сомнежи дека водата не е безбедна, како и дека бројот на заболени невообичаено расте.
Дополнително, надзорот утврдил дека во главниот цевковод била поставена дивоградена пумпа, без никакво одобрение, преку која директно се вбризгувала вода од реката Вардар во водоводниот систем“.
И покрај овие алармантни сознанија, според неа, епидемијата беше прогласена дури кога амбулантите и болниците беа преполни, а бројот на заболени достигна речиси две илјади.
„Особено загрижува што министерот за здравство, Сашо Клековски, наместо веднаш да ја информира јавноста и да ги активира сите механизми за заштита, пет дена ја криел информацијата за масовното труење во Гостивар.
Со тоа свесно било одложено прогласувањето на епидемија, иако СДСМ уште од првите сигнали, согласно препораките на стручната јавност, бараше тоа веднаш да се направи.
Прогласувањето на епидемија не е административна формалност.
Тоа значи активирање на конкретни механизми за заштита: засилена координација меѓу институциите, итна епидемиолошка истрага, засилен надзор, дополнителни ресурси и навремени мерки за спречување на понатамошно ширење на заразата“.
Наместо тоа, нагласи таа, институциите молчеле.
„Наместо брза реакција, следуваа празни изјави од типот „наскоро ќе има информации“, „за неколку дена ќе биде познато“ и „јавноста ќе дознае наскоро“, а потоа сите се преправаа дека се изненадени од размерите на катастрофата.
Ова е сериозен институционален и политички неуспех.
Јавното здравје не смее да биде предмет на одложувања, прикривање информации или политички калкулации. Кога постојат јасни индикации за сериозен здравствен ризик, институциите имаат обврска веднаш да дејствуваат и да ги заштитат граѓаните“.
Граѓаните на Гостивар, оценува Поповиќ, заслужуваат целосна вистина. Заслужуваат, како што рече, одговор на прашањата зошто пет дена се криела информацијата, зошто не биле преземени итни мерки и кој ќе сноси одговорност.
„Зошто предупредувачките сигнали биле игнорирани?
Криењето информации во услови на масовно загрозување на јавното здравје не е обичен пропуст – тоа е неодговорно постапување со сериозни последици врз здравјето на граѓаните.
СДСМ бара итна политичка и институционална одговорност од министерот за здравство и од сите одговорни на надлежни институции“.







