(Видео) СДСМ: Започна, доаѓаат „економски работници“

СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја отвора државата за масовен прилив на странски таканаречени „економски работници“, иако во земјава, како што велат, има речиси 100.000 невработени.

На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, изјави дека Владата донела одлука за вработување на нови 10.000 странски работници во 2026 година, што е двојно повеќе од лани.

Според СДСМ, процесот бил подготвуван подолго време. Тие потсетија дека британски медиуми претходно објавиле за стратешки договор со кој мигранти би можеле да добијат работни визи за Македонија, по што следеле измени на Законот за странци со олеснети услови за влез, престој и работа, како и продолжување на важноста на дозволите.

Младеновска обвини дека со овие измени е создадена правна рамка за долгорочно задржување на странски работници во земјата, особено во случаи на „стратешки партнер“. Таа додаде дека власта донела и резолуција во Собранието со која, според СДСМ, ѝ било оневозможено на опозицијата да зборува за прашањето за мигрантите.

Од СДСМ оценуваат дека одлуката доаѓа во време кога македонските работници имаат најниски плати во регионот и Европа, а Владата, како што велат, тврди дека нема средства за зголемување на минималната плата и дека во Буџетот недостигаат околу две милијарди евра.

Scroll to Top