Јована Тренчевска, пратеничка и потпретседателка на СДСМ, обвини дека Владата на премиерот, Христијан Мицкоски, за две години не исполнила ниту едно ветување.
„После две години од Владата на ВМРО, вистината денес е дека наместо поголем, животниот стандард на граѓаните е намален – народот живее потешко, поскапо и понеизвесно. Нема ништо од ветувањата на ВМРО за зголемен животен стандард, за повисоки плати, за достоинствен живот на социјално ранливите категории на граѓаните. Единствено нешто што се забрзано се зголемува овие две години се цените, трошоците за живот, сиромаштијата. Македонскиот работник живее потешко, социјално-ранливите граѓани се заборавени од државата, пензионерите изманипулирани. ВМРО ветуваше инфлација од 2,5%. Денес инфлацијата е 4,8% и е речиси двојно повисока од ветувањето. Во платформата 1198 ветуваа зголемен животен стандард – се зголемија само трошоците за живот. Денес на едно четиричлено семејство му се потребни скоро 70.000 денари месечно за да ги покрие основните трошоци. Тоа значи дека за нормален живот се потребни речиси три минимални плати“, рече таа.
Тренчевска кажа дека денес платите не го следат растот на цените и дека работниците работат исто, а можат да купат помалку. Според неа, македонскиот работник зема најниска плата во Европа
Тренчевска обвини дека Владата на ВМРО покажала дека нема ниту капацитет, ниту волја да го подобри животот на граѓаните.
„Единствено што добро му оди на ВМРО, се манипулациите. Ги изиграа и пензионерите. Со лажна кампања ги придобија, за потоа да им ги скратат и украдат парите. Ако се задржеше нашиот систем, најмалото зголeмување на пензиите ќе беше околу 1.500-1.600 денари, а најголемото 3.500 денари. Два пати во годината тоа ќе донесеше повеќе пари кај пензионерите. Социјално ранливите категории на граѓаните се заборавени од оваа Влада. Во овие две години ВМРО не исполни речиси ништо од клучните ветувања за помош на најранливите граѓани. Социјалната помош не се зголемува, сиромаштија. Нема зголемување на гарантираната минимална помош за 10% на годишно ниво. Нема зголемување на посебниот додаток за 30%, ниту се зголемени надоместоците за родителите кои се грижат за деца и лица со попреченост. Нема нови домови за стари лица, ниту нови дневни центри за згрижување и рехабилитација на деца и лица со попреченост. Нема пооврат на персонален данок за вработени мајки по завршување на породилно отсуство. Всушност од социо-економските ветувања за овие две години ВМРО нема исполнето ништо“, рече Тренчевска.







