(Видео) Тренчевска: СДСМ ќе поднесе претставка до Уставниот суд по срамната Резолуција

СДСМ ќе поднесе претставка до Уставниот суд по срамната Резолуција во Собранието, објави потпретседателката на партијата, Јована Тренчевска.

„Од овде, од пред Уставниот суд испраќаме гласна порака: СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата и слободата на говор. Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата. ДПМНЕ–ЗНАМ усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата“, рече таа.

Според Тренчевска, целта на власта е да ја замолчи опозицијата и да се забрани било каква дебата за договорот -мигранти за пари, да се спречи вистината да излезе на виделина.

„Секој што ќе зборува јавно за мигранти, да се таргетира со закани за кривични пријави и затвор. Затоа и забрзано работат на воспоставување контрола врз судството и обвинителството“, рече таа и истакна дека ќе биде поднесена претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок.

Според неа, Резолуцијата е спротивна на Уставот во делот на основни човекови слободи и права на граѓанинот – слободата на изразување која е неприкосновена.

Тренчевска најави и дека ќе се обратат до сите релевантни меѓународни институции и ќе побараат помош и од институциите на ЕУ, од сестринските партии во Европа.

Scroll to Top