Пратеничката од Социјалдемократаскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска, на денешните пратенички прашања упати прашање до заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, за состојбата со Фондот за ПИОМ и динамиката на исплата на пензиите.
Тренчевска во своето обраќање посочи дека дупката во Фондот за ПИОМ е над 1 милјарда евра, односно толку пари државата ќе префрла за да можат да се сервисираат секој месец пензиите.
„Сервисирањето на социјалните обврски кон граѓаните треба да е приоритет на секоја Влада. За сите исплати да течат согласно законските рокови, клучно е парите да бидат обезбедени во буџетот на Министерството.
Tоа на што сме сведоци е дека состојбата со буџетот на министерството во делот на пензиите е алармантна.
Но, не е само со пензиите, и со правата и надоместоците за социјална заштита исто така, и со социјалните услуги и со заштитните друштва, едноставно со сè нема доволно пари на ставките за овие права“, нагласи таа.
Додаде дека пари за исплата на декемвриската пензија нема ниту во буџетот на Министерството за социјална политика, ниту во Фондот за пензиско.
„За сето ова бројките се сведок и тие постојат во документите. Ова значи дека вие немате пари за да трансферирате до Фондот за да се исплати декемврската пензија.
За каква социјална сигурност на пензионерите зборувате?
Или важно ви беше само да ги искористите и излажете граѓаните за изборите“.
Јавна тајна е, кажа Тренчевска, зошто меѓу другото се задолживте со унгарскиот кредит.
„Не за да реализирате капитални инвестиции, туку за да го покриете дефицитот во Фондот, кој за само година и пол на власт го продлабочивте за над 50%. Знаете ли дека со ваков дефицит ги ставате во ризик исплатите не само на сегашните пензионери, туку и на сите идни пензионери?
И да не спинувате дека СДСМ е против зголемување на пензиите – ние сме ЗА зголемување, за да растат пензиите, но мора и да се чува стабилноста на фондот“.







