(Видео) Филипче: Додека го блокира европскиот пат, половина ВМРО имаат бугарски пасоши

Додека го блокира европскиот пат, половина ВМРО, вклучително и најблиски соработници на премиерот имаат бугарски пасоши, тврди лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој, исто така, кажа дека Мицкоски ја негира реалноста кога вели дека не знае за изјавите на известувачот Вајц.

„Премиерот Христијан Мицкоски многу сака да ја негира реалноста, да ја прикаже поинаку, ама очигледно е дека не може. Вели дека не знае за изјавите на известувачот и европратеник Вајц и дека Извештајот е „комплетен антипод“ на она што навистина се случува“, изјави Филипче.

Тој кажа дека Вајц експлицитно кажал дека не гледа сериозна посветеност на Владата за реформите, особено во владеење на правото, со директна оценка дека „во последната година не видовме никаков напредок во однос на евроинтеграцијата, ниту пак во делот на реформите“.

„Известувачот Вајц јасно и недвосмислено ја критикува оваа власт поради блокирањето на европскиот пат на Македонија. Европа јасно порачува: нема напредок додека не се исполнат условите, а тоа вклучува и уставни измени. И наместо да ја прифати критиката премиерот повторно влезе во негирање. Јавно вели дека „нема да отстапи ни милиметар“ и дека малцинствата, како Бугари, Хрвати, Црногорци, нема да влезат во Уставот“, рече Филипче.

Наместо да работи на реформи, додаде тој, оваа власт работи на креирање конфликти со соседите, анти-европска пропаганда и изолација на земјата.

„И додека го блокира европскиот пат, половина ВМРО, вклучително и најблиски соработници на премиерот имаат бугарски пасоши. Е тоа е нивниот лажен патриотизам. Наводно го бранат идентитетот, а приватно земаат бугарски, европски пасоши.  Затоа младите масовно се иселуваат од земјата, затоа што не гледаат перспектива на чело со Мицкоски“, рече Филипче.

Тој истакна дека СДСМ останува цврсто на европскиот пат. „Ние нема да дозволиме Македонија да биде слепо црево на Балканот само за Мицкоски и ВМРО-ОКГ да продолжат да крадат“, рече Филипче.

Scroll to Top