(Видео) Филипче: Мицкоски нема резултати, затоа тера кампања на конфликти и поделби

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес конференција рече дека по две години власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, граѓаните живеат полошо, економијата е ослабена, а европскиот пат е целосно закочен и додаде дека Мицкоски нема никаков резултат и затоа тера кампања на конфликти и поделби.

„Оваа власт ниту има визија, ниту капацитет, ниту знаење како да ги менаџира работите, согласно тоа нема никаков резултат. Ветеното пред граѓаните пред скоро две години нема исполнето ниту 20%. А граѓаните тоа секојдневно го чувствуваат, поради тоа што паричниците веќе им се празни, исто како и фрижидерите“, истакна Филипче.

Тој нагласи дека единственото што расте во државата се долговите, додека животниот стандард опаѓа, а младите масовно ја напуштаат земјата.

„Изминатите две години единствено нешто што е зголемено се долговите на државата. Падна животниот стандард, сиромаштијата е во пораст, луѓето, посебно младите, сѐ повеќе се иселуваат“, рече Филипче.

Кога власта нема резултати таму каде што граѓаните најмногу ги очекуваат – во економијата и квалитетот на животот – прибегнува кон старата тактика на поделби и конфликти.

„Тука доаѓам до клучното, а тоа е дека кога нема испорака и нема никакви резултати таму каде што најмногу треба, а тоа е во квалитетот на живот на граѓаните, што се прави? Нормално, тоа што го прави секоја популистичка влада, како оваа на чело со Христијан Мицкоски, а тоа е дека се тера кампања на конфликти, на поделби, на креирање надворешни непријатели, идентификување на внатрешни предавници“, порача Филипче.

Претседателот на СДСМ оцени дека власта намерно ја користи темата за идентитетот за да го прикрие сопствениот неуспех во економијата и европските интеграции.

„Се претставува европскиот пат како некое загрозување на нашиот идентитет, со што луѓето се исплашени. Се користи истата приказна со која настапија на изборите во 2024 година – дека тие се големите патриоти кои ќе го одбранат идентитетот и дека Европа е таа што го загрозува. Тоа не е голема лага. Апелирам граѓаните да не подлегнат повторно, како пред две години, на неговиот трик. Да не подлегнат на овие националистички, популистички говори, затоа што единствено нешто кон што оваа лажна реторика води е изолација и сиромаштија“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.

Scroll to Top