(Видео) Јанчев: Лицата со попреченост не смеат да зависат од проектна милостина

На денешната комисиска расправа за Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, се разгледуваше амандман со кој организациите на лицата со попреченост се вклучуваат меѓу корисниците на средствата што се распределуваат од приходите од игрите на среќа.

Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, предупреди дека иако е позитивно што се исправува досегашното исклучување на организациите на лицата со попреченост, предложениот амандман и понатаму остава сериозни недостатоци и не е целосно усогласен со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и препораките на Комитетот на ОН:

„Проблемот е затоа што тој е спротивен на Општиот коментар број седум на Комитетот, кој во параграф 61 ги предвидува критериумите за организациите на лица со попреченост и таму е предвидено дека финансирањето од државата треба да е директно, а не преку посредници. Приоритет да имаат организациите кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост и, што е многу битно за овој амандман, финансирањето треба да е одржливо, што значи институционално финансирање, а не периодично по проекти.“

Јанчев посочи и дека воопшто не е прецизирано кои организации ќе имаат право на овие средства, оставајќи простор поддршката да заврши кај субјекти кои не се основани и управувани од самите лица со попреченост.

Scroll to Top