Владата на денешната седница донесе одлука за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
„Со донесената одлука, рокот на важење на кризната состојба се продолжува од 21 јули до 20 октомври, со што се обезбедува континуитет во институционалното постапување и навремено преземање на мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати“, соопштија од Владата.
Од таму додаваат дека целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството.
„Владата и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар и, доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжи да носи навремени и соодветни мерки во интерес на сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати“, се наведува во соопштението.
По усогласување на одлуката во рамки на владините процедури истата ќе биде доставена до Собранието на разгледување и донесување, согласно законските надлежности.







