„По прес-конференцијата на идниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, дека нема повеќе заштита за криминалци, Полска веднаш реагирала. Веќе Полска испратила официјални документи со директно барање за екстрадиција на своите политичари од Унгарија. Само Владата на Христијан Мицкоски чека и сѐ уште нема поднесено барање за екстрадиција на Никола Груевски“, велат од СДСМ.
„Според информациите со кои располагаме, Никола Груевски нема да добие азил во Турција, но му остануваат опции со кои води преговори. Тоа се Русија и Белорусија, а прашање е цената што ќе мора да ја „плати“ од парите на граѓаните на Македонија.
Овие информации покажуваат дека постои реален ризик тој повторно да избега од дофатот на правдата.
Очигледно, новиот Ванчо Михајлов во ВМРО, Христијан Мицкоски, намерно одложува и сака да ги избегне процесите – со единствена цел да се избегне политичка непријатност и одговорност. Со тоа му се дава можност на Никола Груевски за ново бегство.
Додека други држави активно постапуваат и бараат одговорност, кај нас институциите се злоупотребуваат за прикривање, одолговлекување и заштита на партискиот интерес на Христијан Мицкоски.
Наместо Министерството за правда да одолговлекува, мора веднаш да реагира и итно да побара екстрадиција на Никола Груевски“, се наведува во соопштението на СДСМ.







