Владата препорача работа од дома за вработените во институциите во зградата на „Нова Македонија“ поради техничката хаварија

Владата на денешната седница ја разгледа информацијата за состојбата настаната како последица на техничката хаварија во зградата на „Нова Македонија“, во која се сместени осум државни институции, како и за досега преземените и планираните активности за санација и целосно нормализирање на условите за работа.

Имајќи ги предвид последиците, особено продирањето на вода во дел од електричните инсталации, како и потребата од спроведување на сите неопходни технички и безбедносни проверки пред повторно ставање на објектот во редовна функција, Владата донесе заклучок со кој се препорачува на институциите сместени во објектот да го реорганизираат своето тековно работење односно вработените привремено да ги извршуваат своите работни обврски преку работа од дома, без физичко присуство во зградата.

Оваа мерка се презема исклучиво од превентивни и безбедносни причини, при што, од Владата уверуваат, приоритет останува заштитата на здравјето и безбедноста на вработените, паралелно со непречено продолжување на работните процеси и функционирањето на институциите.

Се додава дека надлежните служби интензивно работат на санација на последиците и на создавање услови за безбедно и целосно враќање на вработените во објектот.

Scroll to Top