ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува СДСМ и ДУИ за намерно палење на депониите: „Како баш пред избори почнаа да горат?“

ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува опозициските партии, СДСМ и ДУИ, за палењето на депониите во главниот град за да го спречат доаѓањето на правдата.

Во партиското соопштение се наведува: Злосторничкото здружение ДУИ–СДС, неможејќи да го прифати фактот дека е поразено и дека граѓаните ја враќаат државата на прав пат, прибегнува кон најопасни и криминални методи“. Според партијата, наместо политики, подметнуваат чад и отров палејќи ги скопските депонии.

„Откако не им успеа подметнувањето на пожарите ова лето низ селата и градовите во Македонија, сега се одлучија за нов, последен очајнички потег: палење на депониите во Скопје со цел да предизвикаат страв, незадоволство и хаос меѓу граѓаните. Со тоа не само што прават тешко кривично дело, туку свесно го уништуваат и здравјето на скопјани, што е политичко безобразие од најекстремен вид,“ стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека „со години СДСМ и ДУИ управуваа со ‘Дрисла’ и ‘Вардариште’, ги поставуваа директорите, водеа политики и ветуваа фабрика за селекција на отпад, зелена зона и чист воздух, но сè останало само на хартија“.

„Единствено што оставија зад себе е смет, диви депонии и труење на луѓето,“ се додава.

Од партијата наведуваат дека „спротивно на тоа, скопските градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ веќе четири години реализираат конкретни проекти за чистење и уредување на јавните површини, воспоставување систем за селекција на отпад и зајакнување на јавната хигиена“.

„Владата во изминатата година започна процес на темелна ревизија на целата еколошка политика и подготви нови проекти за модернизација на ‘Дрисла’, за затворање на дивите депонии и за воспоставување европски стандарди за управување со отпад,“ пишува во соопштението.

Во него се поставуваат и прашањата:

„Како тоа баш пред локални избори почнаа да ‘горат’ депониите?“

„Како тоа токму сега ‘Дрисла’ почна да загадува и да гори отпад?“

„Дали постои организирана структура зад ова?“

„Затоа ВМРО-ДПМНЕ повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство итно да спроведат темелна истрага за инволвираноста на овие структури во намерното палење на депониите,“ се додава во реакцијата.

„Денес, наместо да одговараат за националните порази и еколошките катастрофи што ги предизвикаа, тие повторно се обидуваат да ја запалат вистината и да го задушат Скопје. Граѓаните добро знаат: вистинската еколошка катастрофа се вика СДС–ДУИ,“ завршува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top