ВМРО-ДПМНЕ предлага продолжување на рокот за легализација на бесправно изградени објекти до 2031 година

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата минатата недела поднела Предлог на закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти по скратена постапка.

Според пратеникот Бојан Стојаноски, целта на предложените измени е граѓаните да не останат со нерешен статус на своите домови поради административни препреки или бавни процедури.

Тој посочува дека голем број граѓани со години се соочуваат со судски спорови за имотно-правни односи и други постапки кои, како што наведува, не се по нивна вина. Актуелниот закон предвидувал рок на важност до 3 март 2026 година, што би значело дека предметите што се во тек би биле прекинати „по сила на закон“ во фазата во која се наоѓаат.

Со предложените измени:

Рокот се продолжува за дополнителни пет години, односно наместо 15, законот ќе важи вкупно 20 години – до 3 март 2031 година.

Се овозможува правна сигурност за општините како надлежни органи да ги завршат веќе започнатите постапки.

Не се предвидуваат нови барања, туку измените се однесуваат исклучиво на граѓаните кои веќе поднеле документација и чекаат на имотен лист.

Стојаноски истакнува дека иницијативата доаѓа како одговор на барање од Управниот одбор на ЗЕЛС и од општините кои, како што вели, секојдневно се соочуваат со проблемите на терен.

Според него, предложеното законско решение не предизвикува дополнителни финансиски импликации врз државниот буџет и ќе стапи на сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“, со цел да не настане правен вакуум.

Scroll to Top