Вработените на Меѓународниот Аеродром Скопје даруваа крв

ТАВ Македонија во соработка со Црвен Крст и Институтот за трансфузиона медицина, денеска – 13 ноември 2025, реализираше акција за дарување крв од страна на вработените на Меѓународниот Аеродром Скопје, во просториите на аеродромот.

Целта на крводарителската акција е да се зголеми свеста за значењето на крводарителството и да се поттикне хуманост, солидарност а со тоа и личен придонес кон спасување на животи.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, посочи дека акцијата претставува дел од вредностите врз кои се темели корпоративната култура на компанијата.

„ТАВ Македонија верува дека успехот не се мери само во статистики и бројки, туку и во влијанието што го создаваме врз заедницата. Дарувањето крв е едноставен, а бесценет чин, една донирана единица може да значи нова шанса за нечиј живот. Оваа акција има јасна порака дека хуманоста е дел од нашата деловна филозофија. Им благодарам на колегите доброволци од Меѓународниот Аеородром Скопје, кои се пријавија да даруваат крв”, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.

„Секоја акција за дарување крв е од големо значење за лицата на кои им е најпотребна, како и за дополнување на резервите на крв и крвни продукти. Вклучувањето на вработените на ТАВ Македонија, како општествено одговорна компанија, дава значаен придонес и го изразува највисокиот чин на хуманост”, вели Здравко Георгиевски, Секретар на Општинската организација Црвен Крст Гази Баба.

Како дел од својата стратегија за корпоративна општествена одговорност, ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на групацијата АДП ќе се стреми оваа акција да прерасне во редовна и трајна хуманитарна пракса на компанијата, којшто меѓудругото ќе го зајакне и волонтерскиот дух меѓу вработените.

Scroll to Top