Герасимовски да престане да ги етикетира советниците и да одговори чиј интерес тој го штити, бара ЗНАМ

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ги отфрла, како што велат, обидите на градоначалникот Горан Герасимовски да ги дискредитира советниците само затоа што не гласаат според неговите очекувања.

„Откако советниците на ЗНАМ гласаа против суспензијата на дел од ДУП „Буњаковец 1“, Герасимовски јавно праша „чиј интерес се штити – на граѓаните или на инвеститорот?“. Советниците на ЗНАМ го штитат интересот на Центарци. А тоа значи и да не дозволат граѓаните повторно да плаќаат за правно неиздржани одлуки. Општина Центар досега има исплатено повеќе од 140 милиони денари по
основ на отштети.

И кога се повикува на безбедност, Герасимовски треба да ги презентира сите факти“.

Како ризик, како што информираат, се посочува резервоарот за мазут од 115 м³ кај студентскиот
дом „Кузман Јосифовски – Питу“. „Според документацијата со која располагаме, тој не е во функција од 2024 година, испразнет е, исчистен и хемиски третиран, а домот со реконструкцијата ќе биде приклучен на системот за снабдување со топлинска енергија.

Ако градоначалникот има стручен наод дека резервоарот и денес претставува опасност – нека го објави.

А кога зборува за безбедноста околу градилиштата, прашуваме: дали истиот аршин важи за сите?

Токму тука се гледаат двојните стандарди на Горан „Бетоњерка“ Герасимовски“.

Во неговиот мандат Центар, додаваат од ЗНАМ, продолжува да се бетонизира, издадени се троцифрен број одобренија за градење, а денес со голема доза театралност се претставува како главен борец против бетонизацијата.

„Истовремено, го турка ДУП „Барутана“, со кој се предвидува сериозна изградба на падините на Водно. Советниците на ЗНАМ гласаа против „Барутана“.

Затоа, градоначалниче, наместо отворање шахти пред камери и снимање кратки видеа, прошетајте низ Центар и проверете ја безбедноста на активните градилишта. Помалку театар, повеќе работа.

А кога веќе прашувате „чиј интерес се штити“, одговорете и Вие:

Чиј интерес го штитите со „Барутана“?

Советот не е гласачка машинерија на градоначалникот. Советниците на ЗНАМ ќе продолжат да одлучуваат во интерес на Центарци – без притисоци и без двојни аршини“.

Scroll to Top