Герасимовски: Целосна реконструкција на детското игралиште во Дебар Маало, побезбедна игра за малите центарци

Општина Центар започна со целосна реконструкција на култното детско игралиште „Славка Недиќ“, попознато како „Дрвен“, лоцирано во Дебар Маало, со цел создавање побезбеден, пофункционален и современ простор за игра на децата.

Со реконструкцијата ќе се изврши целосна замена на дотраената урбана опрема и постојните реквизити, кои ќе бидат заменети со нови, современи и безбедни содржини. Во рамки на проектот е предвидена и изградба на нов летниковец, кој ќе овозможи дополнителен простор за одмор и дружење на граѓаните. Игралиштето долго време е омилено место за игра и рекреација на децата од Дебар Маало.

„Продолжуваме со уредување и обновување на детските игралишта низ општината, затоа што нашите деца заслужуваат безбедни и современи места за игра и развој. Апелирам до сите граѓани да се однесуваат одговорно и совесно, да ја чуваме новата опрема и заеднички да придонесеме за зачувување на јавните простори. Само со заедничка грижа можеме да обезбедиме долгорочна корист за сите“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Оваа инвестиција е дел од континуираните активности на локалната самоуправа за унапредување на јавните простори и создавање поквалитетни услови за живот во урбаната средина.

Општина Центар и во наредниот период ќе продолжи со инвестиции во реконструкција и модернизација на детските и спортските игралишта, со цел подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.

Scroll to Top