Грипот се шири брзо, раст од над 31 проценти за една недела

Во периодот од 8 до 14 декември, во Република Северна Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 31,3% во споредба со претходната недела, покажуваат најновите податоци од здравствените власти.

Најмногу заболени се регистрирани во Тетово (30 случаи) и Куманово (20), а веднаш потоа следи Македонски Брод (18). Во Скопје се пријавени 15 случаи. Иако по број на пријави не е прв, Македонски Брод има највисока инциденца – 178,0 заболени на 100.000 жители.

Според старосната распределба, најзасегната е групата 15–64 години со 97 случаи. Кај лицата над 65 години регистрирани се 16 случаи, додека кај децата бројките се пониски: 7 случаи кај групата 5–14 години и 6 случаи кај 0–4 години.

Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) биле тестирани 24 материјали, при што се детектирани 4 позитивни случаи на грип: три Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистриран е и еден случај на RSV тип B, додека SARS-CoV-2 не е детектиран.

Кумулативно, од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се 998 случаи на грип/заболувања слични на грип, што е зголемување од 51,2% во однос на истиот период минатата сезона.

Најголем број пријави има во Гостивар (244) и Куманово (241), а Македонски Брод повторно се издвојува со највисока инциденца – 583,5 на 100.000 жители.

Вакцинацијата против грип останува најсигурна заштита, посочуваат здравствените власти. За сезоната 2025/2026 обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи:

  • лица над 65 години,

  • деца од 6 до 59 месеци,

  • лица со хронични болести,

  • бремени жени,

  • здравствени работници.

Според досегашните податоци, вакцинирани се 78.730 лица (со бесплатни или комерцијални вакцини).

Епидемиолошкиот надзор покажува дека грипот сè уште има спорадична активност низ земјата, а процентот на позитивност е под 10%, што укажува дека сезоната не е во полн интензитет. Сепак, бројот на пријавени случаи постојано расте, па се апелира на зголемено внимание, особено кај ризичните групи.

Министерството за здравство и ИЈЗ препорачуваат:

  • често миење раце,

  • избегнување големи гужви,

  • топло облекување, доволен одмор и внес на течности/витамини,

  • доколку се разболите: останете дома, избегнувајте блиски контакти, покривајте нос и уста при кашлање/кивање и користете заштитна маска при контакт со блиски.

Scroll to Top