Две монтажни катни гаражи добива Клиничкиот центар во Скопје, најави Орце Ѓорѓиевски

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска најави отпочнување на процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар во Скопје, со што се презема конкретен и системски чекор кон трајно решавање на долгогодишниот проблем со паркирањето во овој значаен здравствен комплекс.

На координациски состанок, одржан заедно со министерот за здравство Азир Алиу и стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје, беше утврдена динамиката и моделот за реализација на овој важен инфраструктурен проект, кој ќе донесе околу 500 нови паркинг места и значително ќе го олесни функционирањето на Клиничкиот центар.

 

„Ова е конкретно, функционално и трајно решение кое директно ќе го олесни секојдневието и работата на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава кои секојдневно доаѓаат на лекување. Изградбата на монтажните гаражи ќе овозможи подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап за итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, со почитување на јавниот простор и современите урбанистички стандарди“, рече Ѓорѓиевски.

Како што додаде, овој важен инфраструктурен зафат е во координација со премиерот Христијан Мицкоски и претставува јасен сигнал за заедничка посветеност кон решавање на реалните проблеми на граѓаните и унапредување на здравствениот систем.

Scroll to Top