Деветтото издание на Beach Film Festival од 22 до 26 јули во Охрид

Beach Film Festival, фестивалот на нов европски филм, се враќа во Охрид од 22 до 26 јули 2026 година со своето деветто издание. Пет дена, четири локации и десетици филмови под отворено небо — на плажа, на брод и покрај езерото — ќе го претворат Охрид во летна филмска сцена.

Годинашното издание носи официјална селекција на долгометражни, краткометражни и студентски филмови од повеќе европски земји, специјална селекција, детска програма и едукативни содржини. Фестивалот и оваа година останува верен на својата идеја: филмот да биде достапен, споделен и доживеан заедно — под ѕвездите, покрај водата.

Фестивалот започнува ден пред официјалното отворање — на 21 јули на плажа Сараиште, со претпрограма посветена на македонскиот филм.

Претпрограма: вечер посветена на македонскиот филм

Годинашното фестивалско загревање се одржува на 21 јули на плажа Сараиште, со две македонски остварувања под отворено небо, покрај езерото: 20:30 — „Железна тврдина“ на Митко Панов (долгометражен филм) и 22:00 — „Самоуништување“ на Ербил Алтанај (долгометражен филм).

Проекцијата на „Самоуништување“ се одржува по повод 30 години од премиерата на овој култен македонски филм. Влезот на плажа Сараиште е бесплатен.

Од отворањето до затворањето

Официјалната селекција на долгометражни филмови се отвора на 22 јули на плажа Славија со „Being Maria“ на Џесика Палид (20:30). Меѓу главните настани на фестивалот е и специјалната проекција на „The Instinct“ на Хуан Албарасин, што ќе се одржи на брод Армада на 25 јули во 21:30 — кино на вода, со езерото наоколу.

Фестивалот се затвора на 26 јули на плажа Славија со специјалната проекција на „Приказната за Силјан“, најновиот филм на македонската режисерка Тамара Котевска (21:00), а истата вечер во 20:45 во Специјалната селекција е и „Silent Cinema“ на Крсте Господиновски.

Во програмата се и краткометражната и студентската селекција — меѓу нив „Rituals“ на Филипо Мараско, „Dear Mother“ на Теодор Солин и „Shadows of the Moon“ на Тина Величковиќ — како и специјална програма на современиот турски филм со „One of Those Days When Hemme Dies“ на Мурат Фиратоглу и „As We Breathe“ на Сејхмус Алтун, реализирана со поддршка на Амбасадата на Република Турција во Северна Македонија.

За наградите на деветтото издание ќе одлучува меѓународно жири составено од автори и професионалци од четири земји:● Ана Хут (Полска/Берлин) — филмска експертка, професорка на Филмската школа „Кшиштоф Кјешловски“ и експерт на програмата Creative Europe MEDIA. Кеми Перес (Канарски Острови, Шпанија) — режисер, продуцент и сценарист, автор на документарецот „Shirampari: Legacies of the River“, дел од официјалната селекција на Sundance 2023. Хана Грос (Канада) — актерка и режисерка, позната по улогите во „The Adults“, „Falling“ и „The Mountain“, како и по серијата „Mindhunter“. Срѓан Анѓелиќ (Србија) — сценарист и режисер, автор на култните филмови „Munje!“, „Do koske“ и „Munje Opet!“.

Едукативниот дел од фестивалот оваа година донесува три мастер-класи, отворени за млади автори, студенти и филмски професионалци, што ќе ги одржат членовите на меѓународното жири:

● Ана Хут — 23 јули, 17:00 часот, брод Армада. Со поддршка на Канцеларијата на Креативна Европа МК и Агенцијата за филм на РСМ.

● Кеми Перес — 24 јули, 18:00 часот, Хотел Пела. Со поддршка на Амбасадата на Шпанија во Скопје, AECID и Агенцијата за филм на РСМ.

● Срѓан Анѓелиќ — 25 јули, 18:00 часот, Хотел Пела. Со поддршка на Агенцијата за филм на РСМ.

Од 22 до 25 јули ќе се одржи и хорор работилница за средношколци и млади, посветена на игран хорор филм, под менторство на Ангела Грозданов и со поддршка на Goethe-Institut Skopje. Во програмата се предвидени и средби со авторите на прикажаните филмови.

Најмладите посетители и оваа година имаат своја програма — детските проекции се одржуваат на плажа Сараиште, во соработка со Institut français, Goethe-Institut Skopje и Амбасадата на Република Словенија.

Проекциите се одвиваат на четири локации во Охрид, со различен режим на влез: Плажа Славија — 150 денари (влезници онлајн и на самото место, на денот на проекциите), Плажа Сараиште — бесплатен влез, Брод Армада — 200 денари (влезници само онлајн, во ограничени количини) и Младински центар Охрид — бесплатен влез.

Влезниците се достапни онлајн преку tix.mk, а линкот за продажба е достапен и преку официјалниот Instagram профил на фестивалот. Целосната програма е објавена на bff.mk.

„Beach Film Festival го градиме со многу љубов и ентузијазам, а секоја година се обидуваме да донесеме филмови што ќе ја изненадат публиката и ќе создадат нови разговори. Охрид има посебна енергија во лето, а кога ќе се спојат филмовите, зајдисонцата и луѓето, се создава атмосфера што не може да се доживее никаде на друго место. Најголемата награда за нас е кога ќе видиме полна публика и ќе почувствуваме дека филмот навистина ги поврзал луѓето под истото небо покрај Охридското Езеро“, вели Моника Зафировска.

Beach Film Festival е фестивал на нов европски филм што се одржува во Охрид како мултимедиски и мултидисциплинарен настан. Неговата цел е да поттикне дијалог, критичка рефлексија и акција инспирирани од прикажувањето на нови европски филмови, и да понуди квалитетна летна културна програма во градот. Фестивалот ги доделува наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм, „Голем бран Стефан Сидовски“ за најдобра актерска остварба и „Мал бран“ за најдобар краток и најдобар студентски филм.

Scroll to Top