Дијаспората е нераскинлив дел од Македонија, порача Мицкоски во Виена

Денеска во Виена имав можност да се сретнам со нашите сограѓани од македонската дијаспора, истакна во објава на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски.

Соопшти дека било разговарано отворено за предизвиците, но и за можностите што ги имаме како што рече, како држава.

„Посебно ја истакнав важноста од продолжување и продлабочување на пријателските односи со Австрија. Блискоста меѓу нашите земји е јасна, а таа треба да ја претвориме во уште поголема економска соработка и нови инвестиции.
Испратив порака до нашите луѓе во дијаспората, тие се нераскинлив дел од Македонија. Ги повикав да размислат за враќање, за инвестирање и за активно вклучување во развојот на државата. Како Влада, работиме посветено да создадеме стабилна и предвидлива бизнис-клима, која ќе ги охрабри таквите чекори“.

Овие средби, вели Мицкоски, се важни затоа што градат заедништво и доверба.

„Убеден сум дека само заедно, со поддршка од дијаспората и со силни меѓународни партнерства, можеме да ја движиме државата напред.
Работиме посветено, чекор по чекор, со јасна цел економски развој и подобар живот за сите наши граѓани“.

Scroll to Top