Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро реагира на донесувањето на Законот за минерални суровини по скратена постапка без јавна расправа и без вклучување на стручната јавност и граѓаните.
„Овој начин на носење закон не е техничко прашање – туку суштинско отстапување од демократските принципи. Кога се носат одлуки што директно влијаат врз природните ресурси, здравјето на луѓето и иднината на локалните заедници, исклучувањето на јавноста и покрај бројните реакции е неприфатливо.
Дополнително загрижуваат решенијата што отвораат простор за злоуптреби и еколошки штети како што се: рударски активности да започнат пред да се решат имотно-правните односи со граѓаните, клучни одлуки за „стратешки“ минерали да се носат без доволна контрола и јавен надзор,
приватни интереси да иницираат проекти со сериозни последици врз животната средина, потенцијално заобиколување или слабеење на постојните еколошки стандарди.
ДОМ јасно укажува дека ваквите законски решенија носат ризик од правна несигурност, зголемени еколошки штети и дополнителна недоверба кај граѓаните. Затоа прашуваме и бараме објаснување и аргументи: дали ваквите „решенија“ навистина носат добивка или пак се трошок за граѓаните и државата?
За нас се неприфатливи наративите дека овие законски измени се во име на „усогласување со европските стандарди“. Напротив, европските практики и граѓанската демократија подразбираат транспарентност, учество на јавноста и силна заштита на животната средина – нешто што во овој случај е целосно изоставено“, велат од ДОМ.
„Ја повикуваме јавноста и сите политички чинители да ги искористат сите демократски и институционални механизми за да се преиспитаат спорните одредби. ДОМ ќе продолжи да соработува и да ги поддржува граѓанските организации, експертската јавност и локалните заедници и заедно да ги спречиме ваквите штетни законски решенија
Бараме: отворање на итна јавна дебата за законот, ревизија на спорните решенија, гаранции за заштита на животната средина и правата на граѓаните.
Развојот кој се гради на сметка на природата и здравјето на луѓето не е развој, туку краткорочен интерес и профитерство во корист на поединци. Одговорноста за овие одлуки е сериозна – и затоа мора да се носат внимателно, транспарентно и во интерес на јавноста и државата“, соопштуваат од ДОМ.







