Демократската унија за интеграција (ДУИ) соопшти дека е сериозно загрижена поради поднесувањето „политичко обвинение за индивидуална одговорност која произлегува од колективна одлука“. Реакцијата следи откако претдхоно денес Обвинителството покрена обвинение против 8 лица за случајот со злоупотреби во Државна лотарија, меѓу кои и за екс-вицепремиерот од редовите на Интегративците, Артан Груби.
„По две години истрага, јавноста заслужува да знае врз кои конкретни докази и аргументи се заснова едно вакво обвинение. Ја почитуваме независноста на институциите на правдата, но истовремено бараме еднаква и неселективна правда. Колективните одлуки не можат да се претворат во инструмент за селективна одговорност и политички прогон на поединци. Токму затоа бараме целосна транспарентност на постапката, со цел јавноста, медиумите и експертите да можат да се запознаат со секое тврдење, доказ и аргумент на странките“, велат од ДУИ.
Партијата додаде дека се залага и за отворен и транспарентен меѓународен надзор над овој случај.
„Не бараме привилегија за никого, туку само еднаква примена на законот, правична постапка и правда независна од политичко влијание. Ниту еден исказ, ниту еден доказ и ниту еден факт не го прави ова обвинение основано“, се додава во реакцијата.







