Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес учествуваше на панел-дискусија на тема „Можности за странски инвестиции во Северна Македонија“, што се одржа во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин. Настанот беше организиран од Германско–македонскиот бизнис клуб (DNMBC) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Министерот Дурмиши во своето обраќање истакна дека Северна Македонија се наоѓа во клучен развоен момент, во кој реформските процеси се насочени кон создавање предвидлива, стабилна и европски ориентирана економска средина. Тој ги нагласи приоритетите на Владата – дигитална и зелена трансформација, модернизација на индустријата, поттикнување на иновации и унапредување на човечкиот капитал.
„Нашата цел е да изградиме економија што создава додадена вредност и нуди јасни, долгорочни услови за инвеститорите. Со новиот модел на финансиска поддршка што ќе стартува во 2026 година, државата ги наградува квалитетните инвестиции, отворањето работни места, технолошките центри и проектите што придонесуваат за регионален развој,“ истакна министерот Дурмиши.
Тој подвлече и дека Германија останува еден од најзначајните економски партнери на Северна Македонија, додавајќи дека заедничката визија е да се зајакнат деловните врски, да се поттикнат модерни инвестиции и да се создадат нови можности за економски раст.
Министерот им се заблагодари на организаторите и деловната заедница во Германија за континуираната поддршка, оценувајќи дека ваквите настани се важна платформа за градење доверба и нови партнерства.
Настанот продолжи со динамична панел-дискусија во која учесниците разменуваа искуства и предлози за унапредување на инвестициската клима и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
На отворањето се обратија Гафар Вејсели, претседател на DNMBC, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како и амбасадорот на Северна Македонија во Германија, проф. д-р Илбер Села. Панелот обедини значајни имиња од економскиот и институционалниот сектор, меѓу кои и директорот на ДТИРЗ Гоце Димовски, поранешната гувернерка на НБРСМ Анита Ангеловска-Бежоска, претставници од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и германската делегација за индустрија за регионот.







