Единствена Македонија ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори

Членот на Извршниот комитет на Единствена Македонија, Вилијам Михајловски, на денешната прес-конференција најави дека партијата ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржат во недела, на 2 ноември.

„Со големо задоволство соопштувам дека Единствена Македонија одлучи во недела, во вториот круг, да ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. А што може да се очекува од една национална и патриотска партија како што е Единствена Македонија, која секогаш е на првата линија во одбрана на македонските национални интереси“, изјави Михајловски.

Тој истакна дека оваа одлука доаѓа по, како што рече, целосна медиумска блокада и исклучување на нивната партија од државното финансирање во првиот круг, но и дека Единствена Македонија не може да стои на страна во моментите кога, според него, се решава иднината на државата. Потсети дека партијата настапила самостојно со 29 кандидатски листи, но резултатот во првиот круг не бил на нивото што го посакувале.

Во обраќањето, Михајловски се повика на потребата од национално помирување и обединување, нагласувајќи дека изборите не се борба за поединци и партии, туку за државата.

Scroll to Top