Денес, три и пол децении подоцна, време е барем на Денот на независноста да престанеме да се лажеме дека за сè што не функционира секогаш е виновен некој друг, вели претседателката на ЛДП, Моника Зајкова по повод Денот на независноста.
„Имам 35 години. Родена сум во независна Македонија. Не паметам друг државен систем, но паметам држава која целиот мој живот е во некаква „реформа“ што никако да заврши.
Предолго го гледаме сценариото: едните доаѓаат затоа што другите биле лоши, а кога ќе седнат во нивните фотелји, не ги укинуваат лошите практики – ги усовршуваат.
Она што вчера беше „партизација“, денес станува „кадровска политика“. Она што вчера беше „лош закон“, денес станува „реформа“. Она што вчера беше „преголема администрација“, денес добива уште министри, заменици, директори, заменици, управни и надзорни одбори и нови функции.
Се менуваат партиите на власт, а системот останува. Само денес станува и поскап, погломазен и понеодговорен“.
И тука, додава Зајкова, мора да престане приказната дека „сите се исти“.
ЛДП, нагласува таа, била дел од политичкиот систем и не бега од својата одговорност.
„Но низ годините сме покажувале дека можело и може поинаку.
Како нови генерации на ЛДП продолживме со истата идеја – не само да критикуваме, туку да нудиме решенија.
Го инициравме и го преточивме во закон субвенционираниот студентски оброк, мерка која ја користат денес илјадници студенти“.
Предлагаме, потенцира таа, укинување на голем дел од банкарските провизии и зауздување на банките– затоа што, како што вели, оценуваат дека граѓаните не треба да плаќаат сè поскапи провизии за пристап до сопствените пари.
„Предлагаме кратење на бројот на министерства, на купиштата директори, заменици директори, управни и надзорни одбори, непотребни функции и институции и мал, професионален и ефикасен државен апарат, наместо држава што постојано создава нови фотелји.
Предлагавме и поинаков Кривичен законик – систем во кој времето нема да биде сојузник на функционерите што ја злоупотребиле власта и во кој застарувањето нема да биде најдобриот адвокат на политичарите“.
Денес, прецизира Зајкова, одбива да прифати дека единствениот избор на Македонија е бесконечно менување на доминантно две партии, додека секоја наредна власт ги презема, а денешната и ги усоврши грешките на претходната.
„Особено е поразително што денес сведочиме на хипокризија на власта. Односно власт која го практикува токму она што до вчера најгласно го критикуваше.
Не ја добивте власта за да ни објаснувате што правеле претходните. Ја добивте затоа што ветувавте дека вие нема да го правите истото.
Ако законите повторно се кројат според кадровски потреби, ако за да биде директор не треба да исполниш критериум туку ти менуваат закон по твоја мерка, ако институциите повторно се полнат според партиски потреби, ако функциите повторно се множат, а за грешките и злоупотребите повторно никој не одговара, дури и е награден со нова функција – тогаш тоа не е промена.
Тоа е само полоша промена на корисниците на истиот систем.
35 години подоцна, уште го „реформираме“ судството, ја „департизираме“ администрацијата, ја „градиме“ правната држава и чекаме функционално здравство, образование и инфраструктура.
Ако по 35 години сè уште сме во фаза на темели, тогаш некој сериозно крадел од цементот. И конечно мора да има име, презиме и одговорност“.
Доста е од „тие пред нас“, категорична е Зајкова.
„Доста е од реформи што никогаш не завршуваат. Од закони што важат за граѓаните, а се растегнуваат за функционерите. Од политичка одговорност што завршува со прес-конференција и институционална одговорност што завршува со застарување.
На Македонија не ѝ треба само смена на чуварите на истиот систем.
На Македонија ѝ треба промена на системот“.
Бара одговорност со име и презиме, институции што нема да менуваат партиска боја по секои избори. „Професионална администрација. Помал и поефикасен државен апарат. Закони што важат еднакво за сите. И функционери кои знаат дека функцијата не е сопственост, туку привремена одговорност пред граѓаните“.
Предупредува дека ако уште 35 години продолжи смената само во фотелјите, младите нема да чекаат да ја смениме државата туку ќе си ја бараат иднината во други држави.
„Македонија не е ничија партиска сопственост. Таа е нашиот заеднички дом. А резервна татковина немаме“.







