За најмногу шест месеци: Од Зелениково до Центар за 25 минути ќе се патува со градскиот воз, сосе застанувања

Од Зелениково до централната железничка станица во Скопје со градскиот воз ќе се патува за 25 минути. Возот кој ќе тргнува од Зелениково, ќе минува низ Јане Сандански, Драчево, Лисиче и ќе завршува кај Транспортниот центар ќе има седум станици.  Директорот на Македонски железници – инфраструктура, Синиша Ивановски извести веќе направиле и тестирање за брзината на градскиот воз.

„Од најоддалечената станица на градскиот воз во Зелениково отприлика треба за 25 минути со вкалкулирани застанувања на постојки да се стигне до Скопје, додека од Драчево тестирањата покажаа дека ќе требат од 11 до 13 минути за да се стигне до главната железничка станица во Скопје. Првата фаза на градскиот воз која во моментов се работи, од Зелениково до централната станица Скопје во должина од 24,5 километри ќе биде готова за најмногу шест месеци од денеска“, рече директорот Ивановски.

Истовремено со делницата за градскиот воз од Зелениково, се работи и на делницата од Драчево до Илинден долга 7,7 километри која директорот Ивановски очекува да биде готова до Нова година оти е покуса.

Изградбата на делницата од Драчево со Илинден е три милиони евра, а за делницата од Зелениково до Транспортниот центар се предвидени 5,7 милиони евра.

Градскиот воз ќе биде синхронизиран со автобусите на ЈСП за што директорот Ивановски веќе имал средба со новиот градоначалник на Скопје.

„За многумина изгледаше како сон, но еве денеска е јаве, почнуваме да нудиме алтернатива за граѓаните во Скопје имајќи предвид дека изминатиов период се соочуваа со катастрофално лоша состојба поврзана со нефункционалноста на јавниот транспорт и ЈСП. Како Град Скопје ќе бидеме целосно логистички вклучени во овој процес земајќи предвид дека на новите станици ќе се прилагодиме со ЈСП за граѓаните да не чекаат со часови да дојде возот. Кога ќе има воз, тогаш ќе стигнуваат и автобусите“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски кој нагласи дека од денес во функција се ставени дополнителни 60 приватни автобуси за јавен превоз во Скопје.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски на чија иницијатива се прави градскиот воз како алтернатива за јавниот превоз во Скопје кажа дека почнале да ги менуваат дрвените прагови на пругите кои не се заменети откога се поставени во 1963 година. Тој очекува седната година да почнат да се градат и другите две траси за градскиот воз од кои едната е од Волково преку Ѓорче, и Скопје Север до Транспортниот центар, а другата, трета траса е од Миладиновци до Илинден од каде пак веќе ќе има поврзување со главната железничка станица во Скопје.

Scroll to Top