„За почиста Македонија“ со петиција до Владата: казни и за фрлање отпад од автомобилите преку „Сејф сити“

Организацијата „За почиста Македонија“ собра 1.000 потписи за петицијата со која се бара системот за сообраќајни прекршоци „Сејф сити“ да биде унапреден и да детектира и фрлање отпадоци и отпушоци од цигари од возилата.

Како што информираат од организацијата преку објава на социјалните мрежи, петицијата била лично доставена до Владата и до Министерство за внатрешни работи. Од „За почиста Македонија“ наведуваат дека очекуваат одговор.

Во текстот на петицијата се посочува дека системот „Safe City“ веќе функционира во тест фаза и преку видео надзор издава опомени за сообраќајни прекршоци, поради што, според иницијаторите, постои реална можност истиот да се надгради и за други области од јавен интерес.

Како проблем се наведува фрлањето отпад, особено отпушоци и ситен отпад од возила во движење, што, според петицијата, има последици врз животната средина и јавната безбедност. Во образложението се истакнува дека отпушоците се најчестиот вид отпад по улиците и покрај патиштата, дека содржат токсични материи и дека нивното разградување трае и до 10 години.

Во петицијата се укажува и на ризикот од пожари, наведувајќи дека фрлањето отпушоци од возила може да биде еден од причинителите на шумските пожари во државата. Дополнително, се посочува дека ваквото однесување го нарушува јавниот ред и остава негативна слика за државата.

Според иницијаторите, камерите на „Safe City“ веќе препознаваат различни сообраќајни прекршоци, па системот може да се надгради со алгоритам за детекција на фрлање предмети од возило, практика која, како што наведуваат, веќе постои во повеќе европски земји и градови.

Со петицијата се бара МВР и Владата да воведат автоматска детекција и казнување на фрлање отпушоци и отпад од возила како дел од проектот „Safe City“, со цел намалување на загадувањето, зголемување на јавната безбедност и подигање на еколошката свест.

„Истражувањата покажуваат дека кога прекршоците се санкционираат автоматски, граѓаните брзо ги менуваат навиките“, се додава.

Ова е мала промена во системот, но како што се наведува, се очекува да донесе огромни придобивки за животната средина, јавната безбедност и развојот на современо, одговорно општество.

Фото: depositphotos

Scroll to Top