„Зелен хуман град“: Со измените на Законот за животна средина се ослабува заштитата од загадување

Предложените измени на Законот за животна средина ќе ги ослабат механизмите за заштита од загадување и ќе имаат сериозни последици врз животната средина и здравјето на луѓето, предупредуваат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.

Од иницијативата наведуваат дека предложените измени добиле по осум гласа „за“ во Комисијата за европски прашања и во Законодавно-правната комисија, при што ниту еден пратеник не гласал против или воздржано.

Според „Зелен хуман град“, со измените се предлага бришење на членовите 28-а, 28-б, 28-в и 28-г од Законот, кои се однесуваат на идентификација, управување и санација на контаминирани подрачја.

Од иницијативата посочуваат дека со бришењето на овие одредби се ослабува правната основа за справување со загадени подрачја, како и механизмот за координација меѓу институциите, општините и научните установи.

Тие реагираат и на измената на членот 20, со која, како што наведуваат, се брише забраната за реконструкција на тешка и загадувачка индустрија на растојание помало од пет километри од населено место или заштитено природно подрачје.

„Наместо да се оди кон целосно оддалечување на загадувачката индустрија од населени подрачја, со измените се прави катастрофален регресивен чекор“, велат од иницијативата.

„Зелен хуман град“ посочува и дека се брише обврската кон записниците од јавните расправи да се приложуваат стенографски белешки и аудио или видео записи, како и дека со измените се намалуваат гаранциите за електронска достапност на документацијата поврзана со работата на загадувачки капацитети и проекти.

Дополнително, иницијативата реагира на предложените измени според кои мислењата од повеќе надлежни институции во делот на индустриската безбедност ќе бидат заменети со четиричлена комисија определена од министерот.

Според нив, проблематична е и одредбата со која, доколку надлежните органи не достават мислење во предвидениот рок, ќе се смета дека немаат забелешки.

Од „Зелен хуман град“ оценуваат дека со предложените измени се ослабува законската заштита од загадувачката индустрија и се прави отстапување од обврските за заштита на здравјето на луѓето и животната средина.

Scroll to Top