Двајца мажи се приведени откако биле фатени при примопредавање на сомнителен пакет со јод, без соодветна документација, на паркинг од бензинска пумпа на автопатот Куманово–Скопје.
Како што информира МВР, на 22 јануари 2026 година, околу 03:10 часот, полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции во БЈБ ги лишиле од слобода Б.К. (40) од Турција и А.Д. (56) од село Слупчане, општина Липково.
Според информациите, Б.К., кој патувал со автобус од Турција кон Косово, извадил пакет од автобусот и го предал на А.Д., кој го чекал со патничко возило „Цитроен Ц5“ со кумановски регистарски ознаки. По предавањето на пакетот, А.Д. бил веднаш сопрен и контролиран од полицијата. Во неговото возило, во пакетот, бил пронајден јод без соодветна документација, материја за чие внесување, чување и продавање е потребна посебна лиценца од Министерството за здравство.
Двајцата мажи се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.







