Заменик министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, денеска учествуваше на петтиот состанок на Неформалната платформа за намалување на ризици од катастрофи што се одржа во Владата на Република Северна Македонија, на кој присуствуваа амбасадорот на Австрија Мартин Памер, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан, амбасадори и претставници на меѓународните организации.
Во своето обраќање, Исени нагласи дека Министерството за внатрешни работи го смета учеството во платформата како важна одговорност и можност за унапредување на националните капацитети во управувањето со ризици. Тој потенцира дека климатските фактори, технолошките промени, сајбер предизвиците и хибридните закани бараат координиран и модерен систем на делување.
Посочи дека изминатата година државата се соочи со сериозни пожари, како и трагедијата во Кочани која уште еднаш ја потврди потребата од брза и сигурна институционална реакција. Притоа, ја нагласи важноста од зајакнување на превентивните механизми, подобрување на оперативните капацитети и вложување во човечки и технички ресурси.
Како позитивен пример за меѓународна соработка го истакна учеството на Северна Македонија во Европскиот механизам за цивилна заштита – UCPM, преку кој државата доби значајна помош во справување со пожарите. Дополнително информираше дека е во тек модификација на над 40 специјализирани возила на армијата и полицијата за гаснење пожари на тешко достапни терени.
„Министерството за внатрешни работи останува целосно отворено за предлози, поддршка и техничка помош кои ја унапредуваат ефикасноста, транспарентноста и современиот пристап во системот за намалување на ризици од катастрофи“, истакна Исени. Тој додаде дека само со обединети напори и стабилни партнерства државата може да изгради систем кој ќе биде пример во регионот.
Упати благодарност до меѓународните партнери за континуираната поддршка и ја изрази подготвеноста на МВР за уште поинтензивна соработка во наредниот период.







